Албански и косовски државјани како и жители на повеќе градови од државата, преку социјалните мрежи, но и медиумите најавуваат дека ќе присуствуваат на утрешниот протест против пресудата во случајот “Монструм”. Според пласираните информации протестот би требало да биде помасовен од оној што се одржа минатиот петок, а во кој беа оштетени судските згради, возила, дуќани и продавници, но најбитно од се беа повредени дваесетина полициски службеници кои настрадаа од камењата и проектилите на толпата демонстранти, пишува Вечер.
Од МВР велат дека ги следат сите информации околу протестот, ги анализираат и врз основа на нив го подготвуваат оперативниот план околу обезбедувањето. Оттаму нема објаснување или информација како и дали мислат да ги спречат евентуалните странски државјани кои сакаат да присуствуваат на утрешниот протест и што ќе преземат доколку се процени дека тие претставуваат безбедносен ризик исто како и жителите на други градови од државата.
-Министерството ги разгледува и анализира сите информации околу протестот. Она што можам да ви кажам е дека ќе постапиме соодветно, изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.
На протестите кои се одржаа во Скадар, Тирана и Приштина беа испратени заканувачки пораки, а во Приштина демонстрантите го запалија државното знаме. Потегот веднаш го осуди косовскиот претседател Јахјага, но засега виновниците не се фатени или пак казнети.
Албанските медиуми во државата продолжуваат со создавањето на конфликтна ситуација и со некоректното известување околу случајот “Монструм” и најавите за протестите лиферувајќи разни непроверени информации, вклучувајќи и соопштенија од наводни здруженија на ветерани на УЧК во кои се закануваат со агресија.
За утрешниот протест најавата е поставена на слика на Голема Албанија – “Илирида”, но тоа не го коментираше или осуди ниту една партија, организација или медиум од албанскиот блок.