Инцидентите во собраниската сала започнаа кога некои од пратениците со насилно и недолично однесување се обидоа да го блокираат одржувањето на закажаната седница и да го оневозможат мнозинството да ги извршува обврските кои произлегуваат од функцијата и мандатот што им го доверија граѓаните, соопшти денеска МВР.
Како што стои во соопштението, следувало напад и врз институцијата Претседател на Собранието, кога со крајни напори и смирена реакција, се подвлекува, собраниското обезбедување успеа да го извлече од салата и безбедно да го спроведе.
– Откако веќе не постоеше можност да биде доведен во опасност претседателот на Собранието на Република Македонија некои од пратениците продолжија со однесување од кое веројатно секој граѓанин би се засрамил. По истурањето вода, кршење чаши и расфрлање на службените документи на претседателот на Собранието, следеше качување по неговата маса и оштетување на опремата за работа на Собранието и водење на седниците, појаснува МВР.
Не изостанале ниту закани и тропање по работните маси на оние кои не се согласувале со насилните методи.
Откако ги спречија мнозинството пратеници да работат, се додава, дел од нив без мандат добиен на избори го запоседнаа местото на претседателот на Собранието и ја узурпираа функцијата.
Било побарано од собраниското обезбедување, согласно Законот за Собрание на Република Македонија и Деловникот за работа на Собранието, да се обезбедат услови за одвивање на седницата. Собраниското обезбедување според сите протоколи за работа, тврди МВР, постапи крајно професионално и создаде ред во салата овозможувајќи мнозинството пратеници да работат, иако имаше насилни и агресивни испади и провокации кон нив.
– Следеа обиди да се исценира како некои пратеници наводно биле нападнати, иако од видео надзорот јасно се гледа дека немаат контакт со обезбедувањето, стои во соопштението.
Во моментот кога во салата се создадени услови за продолжување на седницата, пред салата во наредните 10-тина минути, се појаснува, продолжиле вербалните и физичките напади врз обезбедувањето, скокањето од мебелот во фоајето и договарањето како да се излезе пред медиумите кои беа во холот.
Истовремено, надвор од Собранието, толпа насилно го пробила полицискиот кордон, упатувајќи се кон побројната група граѓани кои протестираа со намера да упадне во зградата. При обидот да биде спречен насилничкиот чин, 11 полициски службеници се здобиле со повреди.
Во наредниот период, се подвлекува, МВР ќе ги анализира сите снимки и против сите одговорни ќе следуваат соодветни поднесоци.