Министерството за внатрешни работи соопштува дека вчера врз основа на добиени судски наредби извршени се претреси на три локации во Куманово.
-При претресите пронајдени и привремено одземени се: четири парчиња по 200 грама ТНТ со кафеава боја, знаме на Р.Албанија со натпис ИЛИРИДА, покана од УЧК, десетина ЦД-eа, мобилни телефони, СИМ картички, УСБ мемориски стикови, компјутери, фотографии и филм за апарат. По завршување на претресот приведени се Р.Р.(44) и Р.Ш.(38), соопштуваат од МВР.
По целосно расчистување и документирање на настанот ќе следи кривична пријава против Р.Р. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено држење на оружје или распрскувачки материи“.
Против истиот, информираат од полицијата, и во претходниот период биле поднесени кривични пријави за „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“ и недозволена трговија со оружје.