42 вработени во општина Карпош останаа без работа. На 31 октомври по завршување на работното време им пристигнала смс порака од агенцијата за посредување дека нивниот работен однос е прекинат. Лица вработени во различни сектори меѓу кои со средно и со високо образование обвинуваат дека се работи за партиски реваншизам и прашуваат по кои критериуми биле токму тие селектирани да им заврши работниот однос.
Меѓу нив сe лица пред пензија, родители на малолетни деца, лица чија плата од општината била единствен извор на егзистенција. Револтирани се што новиот градоначалник не ги повикал да им образложи зошто останале без работа.
Градоначалникот Стефан Богоев ги демантира ваквите изјави на работниците чиј работен однос завршил. Тој тврди дека се работи зa луѓе кои не биле редовни на работа. Според Богоев општината е пренатрупана и во неа има повеќе вработени од било која друга скопска општина.
Во општината 90 лица работат на одржување на хигиената а останатите се во администрација. Меѓу нив има уште кои се ангажирани преку агенција. Богоев вели општината се соочува со лоша финансиска ситуација но и покрај тоа многу е рано да каже што ќе биде со останатите вработени, бидејќи поминала само една недела откако е на функцијата градоначалник.
Дополнително ќе ја разгледува ситуацијата и ќе донесе заклучоци дали и колку вработени и се потребни на општината и што ќе се прави со останатите. Ова засега е единствен слуачај по завршување на локалните избори, близу 50тина лица да останат без работа во локална самоуправа.