Раководството на Републиканската партија во Претставничкиот дом на САД, кое има мнозинство во домот, одговори дека се подготвени да закажат седница на која ќе се расправа за барањето на претседателот Барак Обама за напад врз Сирија на 9 септември.
Конгресот е на одмор до тој ден, и според овој одговор, републиканците нема да го скратат одморот поради барањето на Обама иако некои од нив изразија ургентност на барањето и побараа да се разгледува барањето на Обама и порано.
– Според Уставот, правото на објавување на војна му припаѓа на Конгресот, и задоволни сме што претседателот Обама ја донесе оваа одлука, пишува во соопштението на спикерот на Претставничкиот дом Џон Бојнер, поддржано од другите лидери на републиканската партија во Конгресот.
Во своето обраќање во Белата куќа, предмалку, Обама изјави дека верува дека има право и самиот, без согласност на Конгресот, да нареди напад врз Сирија. Но, поради барањата на голем број конгресмени кои се потпишаа на петиции до претседателот да не дејствува без согласност на Конгресот, Обама рече дека донел одлука за напад, но ќе побара Конгресот да гласа за неа.