Според податоците на Народната банка за работата на комерцијалните банки граѓаните и компаниите минатата година платиле рекордни 406 милиони евра за камати и за провизии или 15 милиони евра повеќе од 2011.
Од нив речиси 327 милиони евра се собрани од камати, од кои 118 милиони евра платиле домаќинствата. Остатокот од речиси 80 милиони евра се наплатени банкарски провизии за разни уплати. Податоците покажуваат дека последните години расте и наплатената сума за камати од банките како и за провизиите.
Најбезобразно богатење на банките се измислените трошоци – провизиите. постојано се измислуваат нови и нови давачки за банкарските услуги.
– Само од камати и провизии не можам да стигнам да го отплатам главниот долг. Членарини, доцнење со уплата, провизија што ми испратиле писмо, известување. Се позајмив и решив да се откачам од банката и го исплатив долгот. За работата да биде уште потрагична сега ми бараат 1.200 денари за да ја затворам картичката и да ми дадат потврда дека немам никаков долг кон банката. Kога ќе отидам и тие да ги платам кој знае уште што ќе ми побараат – вели за Дневник Петар Христовски од Скопје.
Податоците на Народната банка покажуваат дека граѓаните и стопанството с` потешко ги враќаат долговите. Така нефункционалните кредити на банките растат со брзо темпо во последните години и во февруари се искачија на 415 милиони евра или 11,7 отсто од вкупно издадените кредити. Вкупните долгови на граѓаните и на фирмите кон банките изнесуваат околу 3,5 милијарди евра, од кои една 1,38 милијарда евра должи населението.
Dnevnik.mk