Во врска со акцијата Шпион зачудува поклопувањето на ставовите на опозицијата со оние кои доаѓаат од една наша соседна држава, но тие веројатно ќе објаснат дали постои координација или станува збор за коинциденција, напиша на фесбук министерката Јанкуловска – еве што вели
Иако не е морално кон граѓаните на оваа земја, СДСМ може да продолжи да ги брани осомничените во аферата „Шпион“ кои работеле спротивно на интересите на Република Македонија. Иако е срамно да се напаѓаат сопствените институции и да се бранат поединци кои на странски разузнавачки продавале информации, СДСМ може својата политика и своите ставови да ги доближува до изворите од грчката Влада кои ги наведе Катимерини. Граѓаните ќе запомнат дека и портпаролот Шилегов и изворите од Владата на Р. Грција, уште првиот ден излегоа со осуда за мегаскандалот кој го откри македонската полиција. Токму граѓаните и ќе го дадат својот одговор на следните извори за ваквото однесување на СДСМ. Нам ни е јасно дека странските служби изгубиле свои драгоцени извори во земјава, но вистинското прашање кое ќе треба да го одговори СДСМ е што тие изгубија со акцијата на МВР?
Мене ми е кристално јасно дека СДСМ не ги почитува и ги игнорира државните институции на Р. Македонија, но уште во текот на вчерашниот ден, експресно, беше демаскирана лагата и манипулацијата на портпаролот Петре Шилегов. Истата може да биде повторена уште сто пати, но тоа не значи дека некогаш ќе стане вистина. Образложението кое им го должев на граѓаните веќе е доставено до сите медиуми, а портпаролот Шилегов ќе ја добие можноста своите лаги и клевети да ги докаже пред македонските судови. Жалам што СДСМ негува патолошка омраза кон институциите и што поединци засегнати од работењето на полицијата, одлучија да се заштитат затскривајќи се зад анонимни партиски соопштенија. Јавно ги повикувам, од утре поединчено креаторите на овие бесмислици да излезат на партиската говорница и потоа храбро да му се придружат на Шилегов во одбраната на своите манипулации пред судот.