Шар Планина ќе се збогати со уште едно езеро, овој пат вештачко, кое ќе ја надополни убавината на овој планински масив со постоечките 39 природни езера познати како Шарски Очи.
Вештачкото езеро кое се гради на Попова Шапка на ски патеката Цери Пашина е прво од ваков вид во Македонија, на надморска височина од 2000 метри. Езерото ќе биде широко и долго околу 100, а длабоко 10 метри. Ќе служи за повеќе намени. За рекреација и риболов, а во зимскиот период водата ќе се користи за правење на вештачки снег.
Со ископите од земја кои се вадат на локацијата каде се прави езерото, се пополнуваат вдлабнатитние на планинскиот предел кој досега не беше достапен за скијачите, долж патеката Цери Пашина. Со израмнувањето на целиот терен, најатрактивна ски патека на Балканот, ќе се прошири за дополнителни 50 метри, вели Петре Димитриевски, директор на Ски центар – Попова Шапка.
Двете инвестиции на Попова Шапка ќе овозможат Шарпланински куп да влезе во листата на светски купови. Ски патеката Цери Пашина каде се одржува манифестацијата, ќе биде доволно широка и долга за одржување на спортски настани од светски карактер.