На здравствените работници со КОВИД-19 нема да им се крати платата за боледување


Се подготвуваат и наскоро ќе стапат во сила нови правилници во однос на партиципација при лекување од КОВИД-19 и исплата на 100-процентен износ од плата при боледување на здравствен работник ако е тоа поврзано со лекување од коронавирусот.

Во одговор на новинарско прашање во врска со реакции од медицински лица на кои им била скратена платата за боледување од коронавирус и плаќале партиципација, директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев на прес-конференција рече дека тоа се темели на досегашната практика и правилници за боледување, но дека сега се зема предвид новонастаната ситуација и заболувањето на медицинскиот персонал ќе се смета за професионално и ќе имаат сто проценти плата при боледување. За таа цел, рече, Министетрството за труд и социјална политика ќе направи измени во прописите.

-Имајќи предвид дека станува збор за новонастаната ситуација односно исплата на боледување по основ на професонално заболување поради коронавирусот, Фондот има заземено мерки и ќе исплатува надомест на плата по основ на професионално заболување кое е поврзано со КОВИД-19 во висина од 100 проценти за здравствените работници и лица вработени во здравствени установи како најизложени на коронавирусот. Имаше неколку процедурални работи што требаше да се завршат зашто постоеше законска рамка и одредени правилници и за таа цел Министетрството за труд и социјална политика ќе направи измени во прописите како и во листата на заболувања што дефинираат кои болести се сметаат зз професионални заболувања и за нив ќе биде исплатен 100-процентен износ од платата, истакна Дончев.

Во однос на партиципацијата, и тоа, рече, се темели на практиката и правилниците, но и овде имајќи ја предвид новата ситуација, Владата ќе донесе уредба со законска сила со што ќе се овозможи осигурените лица да се ослободат од плаќање партиципација во здравствените усстанови при користење здравствени услуги за лекување од дијагностициран КОВИД-19.

-И овие средства ќе бидат на товар на Фондот. Тоа е предвидено и е во тек, рече Дончев, додавајќи дека наскоро ќе стапат во сила партиципацијата и 100-те проценти плата за медицинскиот персонал ако боледувањето е поврзано со лекување на КОВИД-19.

На прашање дали во овие услови редовно работи Комисијата за ин витро т.е.вештачко оплодување на државна сметка, Дончев одговори дека тој процес функционира нормално и ќе нема прекин во давање на услугите што се на товар на Фондот.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1