Двеста и дваесет работници од фабриката „Леар“ во технолошко развојната зона кај Тетово изминатата ноќ биле примени во болниците во Тетово и Гостивар откако се затруле најверојатно од храна.
Според првичните информации од полицијата, случајот бил пријавен од медицинскиот персонал во тетовската Клиничка болница околу 4 часот и 40 минути по полноќ откако претходно околу 1 часот била поделена вечерата на работниците што биле трета смена на работа во Леар.
По околу два часа од вкупно 264 работници колку што биле на работа, кај 220 од нив се појавиле првите симптоми на труење од храна – повраќање, болки во стомакот, вртоглавица и слично. Најголем дел од работниците биле примени во тетовската Клиничка болница, а 23-ца кои биле по потекло од Гостиварско биле префрлени за лекување во гостиварската болница.
Според досегашните податоци, дел од работниците по укажаната медицинска помош биле пуштени на домашно лекување.Основното јавно обвинителство од Тетово заедно со од СВР – Тетово и надлежни инспекциски служби врши увид во фирма лоцирана во слободната индустриска зона, во близина на тетовското село Сарачино, каде што ноќеска се затруени над 200 работници.
– Утрово од страна на тетовската клиничка болница во СВР Тетово било пријавено дека во болницата се донесени над 200 затруени лица, вработени во фирмата. Според првичните сознанија лицата се затруле најверојатно од храната што ја консумирале околу еден часот по полноќ, додека два часа подоцна ги почувствувале првите симптоми, се жалеле на болки во стомакот, повраќање и вртоглавица, соопштуваат од Јавното обвинителство на РМ.
Повеќето од затруените лица се задржани во тетовската, а дел се префрлени во гостиварската болница, за укажување на соодветна лекарска помош.
Според првичните информации затруени се 220 работници од фабриката Леар во ТИРЗ -Тетово кои биле трета смена на работа. Од вкупно 264 работници колку што биле на работа, кај 220 од нив се појавиле првите симптоми на труење од храна – повраќање, болки во стомакот, вртоглавица и слично.