Над милион жители на Мадрид смеат да излезат од дома само во итни случаи


На околу 1,1 милион жители на Мадрид и околината им е дозволено да ги напуштат своите домови само заради неопходни работи, како на пример одење на работа, откако денеска беа проширени мерките за контрола на коронавирусот.

Досега, со мерките беа погодени 850 000 жители на југ и југоисток на градот, претежно населени со работници и имигранти, а од денеска наутро се додадени дополнителни 167 000 жители, исто така од југоистокот на градот.

На жителите од овие населби им е дозволено да излегуваат само на работа, во болници, училишта, по судови или да се грижат за зависни лица. Влезот таму е исто така забранет без валидна причина. Полицијата повремено запира возила и ги проверува документите со адреса на жителите, па многумина носат сертификати од работа кога одат на работа. Во случај на неоправдан излез и влез, предвидени се казни од 600 евра.

Во рамките на населбите, на жителите им е дозволено да се движат слободно, но продавниците, кафулињата, рестораните и спортските центри имаат дозвола да работат со капацитет од 50 проценти, до 22 часот. Отворени се само аптеките и бензинските пумпи. Парковите се затворени.

Регионалната влада во Мадрид воведе режим во населбите каде што коронавирусот е дијагностициран во просек на повеќе од 1.000 луѓе на 100.000 жители.

Двонеделната мерка, со можност за продолжување, сега влијае на околу 15 проценти од населението во Мадрид и околината, но шпанскиот министер за здравство Салвадор Ила вели дека тоа не е доволно и дека треба да се затвори целиот главен град. Претседателот на провинцијата Мадрид, Изабел Дијаз Ајусо се спротивставува на ова и забележува дека ситуацијата е под контрола.

Минатата недела беа организирани протести во јужните квартови, каде многу жители се чувствуваат дискриминирани во однос на побогатите, северни квартови на градот.

По укинувањето на вонредната состојба во Шпанија на крајот на јуни, секоја од 17-те покраини спроведува свои мерки, вклучително и Мадрид, каде носењето маски е задолжително на сите јавни места. Главниот град е епицентарот на инфекцијата.

Во Шпанија, повеќе од 700.000 луѓе се заразени од март, а 31.000 починале.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1