Признав дека фрлав боја врз зградата на МНР на 24 април и изјавив дека не се чувствувам виновна за тоа што сум го сторила, рече Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет по денешниот информативен распит во полициската станица „Беко“.
– Сметам дека тоа е мое право, како граѓанка на оваа држава да го изразам револтот за тоа што ми се случува во државата и за политиките на оваа криминална власт. Одбив да го потпишам платниот налог, понатаму ќе тече постапката. Не ми беа покажани никакви снимки, не се обидоа на некаков начин да ме испрашуваат и да ми бараат податоци за другите кои фрлале боја. Ги потсетив полицајците за протестите што се случија пред општина Центар, за кој настан ниту еден од учесниците не беше повикан на разговор ниту, пак, трпеа било какви санкции. Исто така адвокатот ги потсети за настанот пред „Порта Македонија“ кога демонстрантка беше нападната од непознато лице, но се уште нема истрага – нагласи Пировска.
Професорката Мирјана Најчевска, пак рече дека министри од власта, краделе, мамеле, лажеле, убивале.
– Ние ги фативме на дело и заради тоа се обидуваат да ги корумпираат сите правосудни органи, полицијата, судовите, Уставниот суд. Се обидуваат да ги запрат граѓаните во барањето одговорност за секој кој направил криминално дело. Ќе испратам писмо до Министерството за култура со кое ќе побарам да ми се признаат авторските права за боењето на спомениците од „Скопје 2014“. Поради тоа што не ме прашаа кога го правеа, јас одлучив да го разубавам просторот каде што живеам – рече Најчевска.