Околу 800 бебиња и деца биле закопани во масовна гробница во Ирска, во близина на дом за немажени мајки, со кој управувале калуѓерки, покажува денеска објавено истражување.
Откритието фрла ново светло на проблематичното минато на Ирската католичка црква.
Истражувањето покажува дека 796 деца, од новороденчиња до осумгодишни деца, во период од 35 години, од 1925 до 1961 година, биле закопувани во заедничка гробница, во близина на католички дом за немажени мајки.
Историчарката Кетрин Корлес, која го открила случајот, изјави дека нејзиното истражување за смртноста на децата во домот Св. Мери и Туам, покажало дека поранешната септичка јама во близина на домот всушност била масовна гробница.
“Некој ми спомена постоење на гробишта на новороденчиња, но ова што го открив е многу повеќе од тоа”, рекла историчарката Кетрин Корлес.
Пребарувајќи во архивите на католичкиот дом, кој денеска е претворен во индустриска зона, историчарката открила дека 796 бебиња се закопани без надгробни споменици во поранешна септичка јама.
Се претпоставува дека бебињата се тајно закопани, а умреле од неухранетост, воспалување на плуќа, туберколоза и други болести, но и злоставувања, наведува агенцијата АФП.












