За остварени натпросечни резултати и пожртвуваност во извршување на службените задачи, Марјан Димитриевски (48) е избран за најдобриот полицаец во Скопје за 2016 година. За добрата работа во изминатава година тој доби награда од 10.000 денари од скопскиот градоначалник Kоце Трајановски, кој традиционално ги наградува најдобрите полицаец, пожарникар и крводарител.
Димитриевски е вработен во Полициската станица „Гази Баба“ и има 24 години стаж. Полицаец е од 1992 година и вели дека наградата за него претставува поттик да продолжи совесно и одговорно да работи.
– Сум учествувал во откривање многу кривични дела, пред сѐ, тешки кражби, како и кривични дела во врска со нарушување на јавниот ред и мир. Не можам да ја заборавам акцијата за спасување на мајката што сакаше да го фрли својот седумгодишен син од терасата на четвртиот кат од една шесткатница во населбата Хиподром – раскажува Димитриевски за Дневник.
Овој настан, кој ја потресе целата македонска јавност, се случи пред половина година, кога мајка си го фрли детето од зградата, а потоа се фрли и самата. Полицаецот Димитриевски бил на смена кога од радиостаницата му јавиле за случајот во Хиподром.
– Веднаш се упативме таму со моите колеги. Kога пристигнавме, мајката беше заклучена во станот со детето. Не сакаше да отвори, ниту сакаше да комуницира со нас. Одвреме-навреме ќе се појавеше на прозорецот. Потоа дојде на терасата, од каде што сакаше да го фрли детето. Во меѓувреме пристигна екипа и од Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје. Тие поставија душек за спасување под терасата – вели Димитриевски.
Тој додава дека мајката го фрлила детето и се фрлила самата, но, за среќа, преживеаја.