Најновиот биланс на жртвите во синоќешниот троен самоубиствен бомбашки напад на истанбуласкиот аеродром „Ататурк“ изнесува 41 загинат и 239 ранети, соопштија денеска локалните власти на Истанбул.
Како што јави весникот „Милиет“, досега е утврден идентитетот на 37 од загинатите, од кои 24 се Турци, 10-мина се странци, а тројва имаат двојно државјанство.
Според медицински извори, вкупно 109 од ранетите при нападот веќе се отпуштени од болниците во кои им била укажана лекарска помош.
Претходно, турската телевизија „Хабер 7“ јави дека бројот на загинати во нападот се искачил на 43 лица, од кои 39 се идентификувани.
Неименуван официјален турски претставник изјави дека конечниот биланс на жртвите може да се искачи и до 50 лица.
Нападот започна синоќа во 22:21 часот по локално време (21:21 по средноевропско време), кога тројца напаѓачи почнале да пукаат на влезот од меѓународниот терминал на аеродромот во Истанбул и потоа се разнеле со експлозивите што го носеле на себе.
Весникот „Милиет“, повикувајќи се на сознанија од истрагата, објави дека тројцата непаѓачи најверојатно се странци. Весникот посочува дека аутопсијата на остатоците од телата на напаѓачите веќе е завршена, но засега не е утврден нивниот идентитет, што наведува на заклулокот дека најверојатно станува збор за странски државјани.
Ова е најсмртоносен од четирите терористички напади во Истанбул од почетокот на годната, од кои за два одговорност презеде џихадистичката група Исламска држава (ИД), а за еден курдска милитантна организација.
Иако засега никој директно не презеде одговорност за синоќешниот напад, турските власти посочуваат дека „доказите упатуваат на ИД“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повика да се покрене меѓународна „заедничка борба“ против тероризмот, додека западни сојузници на Турција меѓу кои и САД остро го осудија нападот.