Во текот на вчерашниот ден министерството за здравство ги доби резултатите од споредбената анализа на изолатите од листерија, земени од храна и изолати земени од хумано потекло, односно од заболените и починатите лица.
Овие изолати Министерството за здравство ги испрати до две најпознати референтни и акредитирани лаборатории, и тоа: Институтот Пастер во Париз, кој е референтна лабораторија на СЗО за листерија, а воедно и колаборативен центар на СЗО, и до лабораторијата Ансес, исто така во Париз – Франција, која е референтна лабораторија на Европската Унија за листерија моноцитогенес во храна.
Министерот Тодоров истакна дека Центарот за јавно здравје – Велес го испрати затворениот примерок од свински врат на Екстра-меин во референтната лабораторија Ансес, во Франција.
-Денеска имам обврска да ја информирам македонската јавност дека резултатите и од двете референтни лаборатории ги потврдија во целост досегашните наоди добиени во националната референтна лабораторија при Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје. Двете лаборатории потврдија дека станува збор за потполно идентичен генотип кај изолатите од храна и изолатите од хумано потекло, односно двете лаборатории во целост ги потврдија резултатите кои Министерството за здравство претходно ги имаше објавено. Двете референтни лаборатории го потврдија тоа што Министерството за здравство го тврдеше – дека причинител за листерија кај заболените и починатите пациенти е производ од компанијата Екстра Меин од Куманово, истакна Тодоров.
Со овие анализи, рече Тодоров, добивме потврда од едни од најреномираните институции во светот дека станува збор за ист извор на листерија. Референтните лаборатории потврдија дека точно и прецизно е лоциран изворот на листерија, од страна на македонските власти.
-Инаку, Институтот Пастер (референтна лабораторија на СЗО за листерија, а воедно и колаборативен центар на СЗО) е основан пред повеќе од 100 години, од страна на Луј Пастер, и денеска е водечки институт за биомедицински истражувања. Во рамки на институтот функционира мрежа од 130 истражувачки лаборатории. Научниците од овој институт на дневна основа спроведуваат напредни истражувања во областа на микробиологијата и други области. Лабораторијата Ансес, во Париз – Франција, е официјално назначена од Европската Комисија за референтна лабораторија на Европската Унија за листерија моноцитогенес во храна. Оваа лабораторија располага со база на податоци за листерија изолирана од храна, а воедно оваа база е компатибилна со базата на податоци за листерија од хумано потекло, на Институт Пастер, така што добиените резултати се содржани во унифициран извештај кој што го добивме од двете врвни институции, објасни Тодоров.
За потсетување, до 21 јули кај 7 случаи беше лабораториски потврдено присуство на бактеријата листерија (од кои три беа завршени со смртен исход), потоа во релативно краток период беа регистрирани уште три случаи, така што крајниот исход од појавата на бактеријата листерија беше: 10 заболени, од кои 5 смртни случаи.
После извршена анализа на голем број мостри од индустријата за храна од животинско потекло, единствено кај еден вид производ – вакумиран сечкан свински врат, произведен од Екстра-меин од Куманово, беше докажана listeria monocytogenes, а извршената генотипизација покажа 98% (потполна) идентичност со генотипот на листеријата која предизвика заболување кај луѓето.
-Исто така, за потсетување, во тој период од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Факултетот за ветеринарна медицина, бевме информирани дека листерија е утврдена кај уште еден примерок од вакумиран свински врат произведен од Екстра-меин, земен од приватно лице кое претходно го отворило производот и конзумирало од истиот (а поседувало и затворен примерок од производот). Со направената квантификација на отворениот и затворениот примерок при Факултетот за ветеринарна медицина, се утврди присуство на 9000 колонии (единици) на грам, што значи 90 пати повеќе од дозволеното ниво. Значи, со сите анализи и испитувања извршени во Република Македонија, добивме сериозни докази за изворот на листеријата, а сега дополнително ги потврдивме со резултатите од овие две референтни лаборатории. Со ова конечно ставаме крај на шпекулациите и наводите дека се уште не е најден виновникот за листеријата, додаде Тодоров.
Со ова, тврдењата на министерството за здравство беа докажани од најпознати референтни и акредитирани лаборатории.
-Не обвинуваа за фалсификување на постапката и документацијата, не обвинуваа дека постапката за пронаоѓање листерија е нестручна и наместена, дека непотребно сме ставале некоја фирма на столб на срамот. Спротивно на сите лабораториски анализи, тврдеа дека листерија нема. Тврдеа дека е избрзана игра за наоѓање виновник, не прогласија за егзекутори, за аматери и непознавачи на проблематиката, кои нестручно менаџирале и на крај тоа го покриле со егзекуција на некоја фирма. Ние за цело тоа време верувавме во квалитетот на знаењето и професионализмот на македонските експерти од Факултетот за ветеринарна медицина, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје – Велес, Институт за микробиологија и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во текот на вчерашниот ден добивме потврда не само на резултатот, туку и потврда на високото ниво на организација, знаење и кредибилност на македонските научни и државни институции, заклучи Тодоров.