Намален рејтингот на полицијата, поголема доверба за полицајките


Мнозинството граѓани на Република Македонија имаат доверба во полицијата, која е втора институција со највисок рејтинг, по образовните институции.

Ова го изјави денеска Магдалена Лембовска, истражувач за безбедносни прашања во Аналитика тинк тенк на денешната презентација на резултатите добиени по спроведеното истражување на јавното мислење за работата на полицијата, кои беа презентирани од регионалната мрежа од седум граѓански организации од регионот Поинтплус и Аналитика.

Според анкетата 55 отсто од граѓаните имаат доверба во полицијата што ја става на второ место, веднаш зад образовниот систем.

– Иако се работи за релативно висок процент забележано е намалување на довербата во однос на лани кога полицијата беше на прво место, рече Лембовска.

Дваесет и три отсто од граѓаните се изјасниле дека немаат доверба во полицијата.

Заклучок од истражувањето е дека има позитивна перцепција меѓу населението, особено кога станува збор за полицајките.

Дваесет и еден отсто од испитаниците одговориле дека имаат целосна доверба во жените полицајци, а такво мислење за полицајците дале 19 отсто од анкетираните.

– Генерално, граѓаните имаат позитивна перцепција за полицајците која оди во прилог на женските полициски службенички, односно во врска со нив поретко се споменуваат негативни атрибути и претежно граѓаните кога ќе помислат на жена полицаец зборуват за добрина, учтивост, професионалност, сериозност, коректност, одговорност совесност, пријателство, додаде Лембовска.

Најголема доверба во полицијата имаат вработените во приватниот сектор, а по нив се оние кои работат во јавниот сектор и пензионерите. Најмала доверба во полицијата имаат невработените лица, студентите и воопшто младите.

Таа посочи дека е зголемена довербата на етничките Албанци во полицијата, а довербата на етничките Македонци се намалила, така што во моментот нема позначајни разлики во нивото на доверба меѓу двете етнички групи.

И покрај повисокото ниво на доверба, сепак, граѓаните се уште ја сметаат полицијата како средство за заштита на интересите на политичките партии или други конкретни групи.

Дваесет и седум отсто сметаат дека полицијата најмногу работи како сервис за граѓаните, а 36 отсто одговориле дека најмногу работи како средство за заштита на интересите на политичките партии.

– Министерството за внатрешни работи треба да направи значителни напори за да ја деполитизира полицијата и да се осигура во имплементацијата на професионални стандарди на сите нивоа во оваа институција, се констатира во заклучоците од истражувањето.

Во врска со корупцијата кај граѓаните е евидентирана перцепцијата дека овој феномен е широко распространет во полицијата.

Седумдесет отсто од граѓаните се подготвени да пријават полициска корупција дури и доколку е потребно да откријат лични податоци. Ова, според регионалната мрежа е далеку повеќе од другите земји во регионот.

Како најчест начин на кој би ја пријавиле корупција граѓаните го посочиле одењето во локална полициска станица, а дел од нив претпочитаат тоа да го пријават кај некој познаник што работи таму.

Повеќето граѓани сметаат дека изборот на кандидатите и вработувањето кадар во полицијата се врши преку политички врски. Четириесет и четири отсто од анкетираните имаат вакво мислење.

Според истражувањето највисока 62 процентна доверба кај граѓаните имаат институциите во образованиете, полицијата е на второ место со 55 отсто, потоа се здравство со 50 отсто, општинска и граѓанска управа со 48 отсто, медиуми со 47 отсто, НВО со 47 отсто, царина со 46 отсто, пазарна инспекција со 38 отсто, Парламент со 36 отсто, Обвинителство со 34 отсто, судство со 30 отсто и Државна комисија за спречување на корупцијата со 28 отсто.

– Поразително е тоа што токму институциите како судството, Антикорупциска се оние кои имаат најмала доверба. Тоа е разочарувачки бидејќи тие треба да бидат оние кои работат на подобрување на интегритетот на целиот јавен сектор и на борба против корупцијата, рече таа.

Истражувањето е спроведено во рамки на проектот „Пулсот за полициски интегритет и доверба на Западен Балкан”, кој е поддржан од Европската унија. Анкетата во Македонија е спроведено во јули 2017 на репрезенативен примерок од 1.000 возрасни граѓани на Македонија.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1