Полицајката Јасмина Јанчовска која вчера беше нападната од функционерот на ДУИ Беќир Асани, не била физички туку само вербално нападната. На заминување од местото на настанот, таа самата со левата рака се удрила во специјалното возило „пајак“, но не се здобила со сериозна повреда.
Ова му го кажала Јанчовска на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовки кој вчера ја повикал во неговиот кабинет за од „прва рака“ да се информира за настанот.
– Во текот на вршењето на редовна контрола забележав неколку возила кои се непрописно паркирани. Според процедурата, возилата ги фотографиравме, и започнавме со нивно подигање. Во тој момент пристапи едно непознато лице за кое подоцна разбрав дека станува збор за Б.А., и почна да вика. Веднаш повикав засилување и дојдоа поголем број полициски службеници – раскажала полицајката.
Спасовски, како што соопштија од министерството, и оддал признание на Јаначковска за нејзиното професионално постапување и истакна дека ги охрабрува сите полициските службеници да постапуваат неселективно и професионално, согласно нивните законските овластувања.
-Полициските службеници кои постапуваат професионално, од мене како министер и од целото раководство на МВР, ќе имаат целосна поддршка. Сите мора да бидат еднакви пред законот. Заврши времето кога некои беа поеднакви од другите – порачал министерот Оливер Спасовски.