Веќе 43 дена македонските граѓани масовно протестираат против Тиранската платформа со која се нарушува унитарноста на Република Македонија. Граѓаните денеска порачаа дека тие се штитот на Македонија.
Пораки за зачувување на унитарна и суверена Македонија испрати и вечерва иницијативата „За заедничка Македонија“ од мирниот протестен марш во Скопје.
Граѓаните што го поддржаа протестот ја минаа вообичаената маршрута, од Владата до Собранието на РМ.
– Граѓани за заедничка Македонија, 43. пат доаѓаме овде, нема да е последен ден, битката ќе трае, се додека Ѓорге Иванов е претседател на Република Македонија, човек кој го брани суверенитетот на нашата држава, ќе бидеме тука, да му даваме поддршка, како што тој не поддржува нас. Претседателе ти благодариме и денеска, не попуштај под притисоците, ние сме тука со тебе, заедно да си ја чуваме кичмата исправена и главата горе, рече Богдан Илиевски, член на Иницијативата.
Тој порача до, како што нагласи, политичарите качени на тиранската платформа, да не калкулираат со бројки од граѓани кои им дале поддршка, бидејќи никој не гласал за платформи направени во туѓи држави.
– Тука сме 43 дена и знаеме зошто, многу премолчени зборови и многу кажани. Коцијанчиќ очекувала брз избор на претседател, но една работа пропуштила во нејзиното обраќање. Ако очекува брз избор на претседател потпишан на документ создаден во Тирана, требало да каже дека се работело за тиранскиот парламент, не за скопскиот, не за македонскиот, додаде Илиевски.
Според Борис Дамовски, нефункционални тирански платформи се решаваат само со нови избори, но и со попис.
Македонската сликарка, авторка на инсталации, видео и филмски проекти Жанета Вангели истакна дека е величествена глетката и силата на народот. – Овој граѓански протест е надпартиски, надетнички, надидеолошки и тоа го прави величествен и отпорен на секакви напади кои ги слушаме 43 дена, рече Вангели.