Американската вселенска агенција НАСА објави загрижувачка вест дека април оваа година бил најтоплиот месец, откако се мери температурата. Минатиот месец исто така објавија и дека март бил најтопол месец во изминатите 136 години. Тие податоци покажуваат дека растот на глобалната температура е константа, која светот би требало сериозно да го загрижи.
Американската агенција минатиот месец предупреди дека октомври, ноември и декември 2015 година, како и јануари и февруари 2016 година ги урнале рекордите во однос на глобалните температури и дека тој тренд ќе продолжи.
Како што тврди НАСА во својот нов извештај, температурата на глобално ниво во април 2016 година е повисика за 1,1 отсто во однос на мерењата од 1951-1980 година, со што април стана шести месец по ред кој ги надмина претходно измерените температури. Април со високите температури најави исклучително топла 2016 година. Се предвидува дека наредните неколку месеци ќе имаат абнормално висока температура каква што не е забележана во изминатите 130 години.
– Ова е навистина голема информација. Моментално сме во позиција, во која не знаеме како работите ќе се одвиваат. Знаевме дека Ел Нињо има влијание, но сметам дека никој не очекуваше ваков скок – рекол метеорологот Ерик Холтхаус и додал дека стручњаците сметаат дека глобалната температура во последната година пораснала за 25 отсто во однос на мерењето од 1880 година.
Гавин Шмит, директор на Институтот Годард на НАСА за вселенски истражувања заклучи дека научниците веќе со сигурност можат да предвидат дека 2016 година ќе биде најтоплата досега.
Повеќето стручњаци веруваат дека човечката активност има сериозно влијание на промената на климата на планетата. Петтиот извештај на Обединетите нации за климатските промени јасно укажува дека човечкиот фактор е пресуден за промената на климата.