Нови фрагменти од жртвеник посветен на Големата мајка, која во минатото се сметала за божица на земјата и симбол за плодноста, пронајдоа археолозите на годинашните археолошки ископувања во неолитската населба Велушка Тумба, кај битолското село Породин.
Од откриениот движен инвентар најзастапени се керамичките садови за храна, пишува Дневник.
– Пронајдени се остатоци од груба, средна и од фина керамика. Парчињата од првите две групи се изработени од недоволно прочистена глина, помешана со зрнца од песок, плева и истата е добро печена. Според колоритот, таа е црвена, кафена и сива во неколку нијанси. Формата на садовите е топчеста, полутопчеста, а некои фрагменти се украсени со барботин – пишува во извештајот.
Од фина керамика пронашле чинии квалитетно полирани во црвена, кафена, темносива и во црна боја украсени со бело сликање во разни орнаменти. Во Велушка Тумба археолошки ископувања имаше и во 2008 и во 2009 година. Систематските истражувања продолжија годинава.