Наставникот по физичко образование во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“, Флорен Шабани, денеска негираше дека удрил ученичка, како што го обвинија ученици од училиштето.
– Не сум ја удрил, само ѝ ја затворив устата со ливче, затоа што ме пцуеше – рече Шабани денеска пред новинарите кои ја следеа вжештената атмосфера во оваа образовна институција, во која триесетина ученици од македонските паралелки протестираа и не отидоа на настава,пишува Плус инфо
Директорот на училиштето Павле Павлов, уште не формирал дисциплинска комисија за случајот кога во петокот ученичка дошла и му се пожалила дека наставникот по физичко ја удрил, но вети дека тоа ќе го стори денеска. До утре ќе биде познато што одлучила комисијата.
Учениците денеска меѓу другото не влегоа на настава и поради тоа што учат во премали училници. Директорот признава дека нема капацитет во училишната зграда, па поради тоа голем дел од учениците се во претесни простории. За ова, според Павлов, знаат и во Министерството за образование.