Настрада домот на шестчлено семејство


Спој во електричната инсталација е најверојатно причината за пожарот кој избувна вчера во стан на улицата “Димитрија Чуповски” бр. 21, на 11. кат, до гимназијата “Јосип Броз Тито” во центарот на Скопје.

pozar mk2Први пожарот го приметиле соседите на шестчленото семејство кое живеело во станот. Тие околу 11:40 пријавиле во полиција, а ја алармирале и Противпожарната бригада. Но наместо да ја напуштат зградата неколкумина мажи се упатиле кон станот од каде излегувал густ чад да проверат случајно дали има некој дома и да помогнат ако можат во гаснење на пламените јазици.

“Со мал ПП-апарат тргнавме со комшиите низ густиот чад кон вратата од каде излегуваше чадот и успеавме да стигнеме до вратата каде постарата госпоѓа која живее таму веќе во паника беше излегла надвор, успеавме некако да ја однесеме до лифтот и да ја спуштиме доле на сигурно”, изјави станар на зградата кој живее на првиот кат. Според него во станот живеело шестчлено семејство, двајца постари родители, нивниот син со снаата и двете внучиња, но во моментот на несреќата само постарата госпоѓа била дома.

Во меѓувреме се обиделе да ги спојат цревата од хидросистемот кој им е поставен во зградата, меѓутоа што од паника, што од густиот чад не успеале да ги состават цревата. “Моравме да излеземе од зградата, имаше опасност да се задушиме”, ни рече очевидец на настанот кој се обидел да помогне во гаснењето на пожарот. За среќа противпожарните возила многу бргу дошле откако пожарот бил пријавен, па било спречено ширење на пламените јазици кон другите станови.

pozar-2“Кога ја изнесовме госпоѓата надвор и ја прашавме што се случило ни таа самата не знаеше точно да ни одговори, рече дека најверојатно имало некој проблем со струјата, па дошло до спој”, рече соседот.

“Јас живеам веднаш под станот што гореше. Некој ми затропа на врата од комшиите и рече дека избувнал пожар и поради наша безбедност веднаш да ја напуштиме зградата. Јас со моите 90 години морав да се погрижам мојата слепа сопруга безбедно да се симне до доле. Сега, поради тоа што не ме пуштаат да се качам горе во мојот стан, не ни знам што се случило, ниту пак дали и каква штета има кај мене”, изјави соседот Васил Илиевски.

Од Бригадата за противпожарна заштита велат дека во гаснењето на пожарот учествувале над 20 пожарникари и девет противпожарни возила.

“Не е комплетно цел стан изгорен, се работи за две простории, останатите се зачадени што значи на десетти и на дваесетти кат нема никакво оштетување. Има мало прокапување што е дел од работната задача. Ова значи дека граѓаните се безбедни, становите се безбедни, па сите станари можат да се вратат во своите домови”, изјави вчера Благоја Менковски, командирот на Противпожарната бригада откако пожарот беше целосно изгаснат. Од МВР велат дека дополнително ќе се изврши увид по што ќе се откријат причините за настанувањето на пожарот.

Vecer

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1