Не можете да зачнете – проверете се за Ендометриоза – причина за неплодност кај жените


Ендометриозата е хронично, често и прогресивно заболување пратено со болка. Се јавува кај 10% од жените кои се во репродуктивна возраст. Околу 25-50% од неплодните жени имаат ендометриоза, а 30-50% од жените кои страдаат од ендометриоза имаат потешкотии со зачнувањето.

Ендометриозата е заболување кое предизвикува страв, различни дилеми и претпоставки, од мислењето дека задолжително води до неплодност, до тврдењето дека секогаш рецидивира после третманот. Актуелни се и сфаќањата дека бременоста и хистеректомијата се сигурни лекови за ендометриоза. За вака погрешните мислења, покрај неинформираноста на луѓето, секако допринесува и неможноста научно да се објаснат причините за нејзината појава.

Што е ендометриоза?

Ендометриоза е состојба при која мали делови од ендометриумот (слузницата на матката) ја напуштаат шуплината на матката (cavum uteri) и се прикачуваат на други органи, најчесто во пределот на карлицата.

jajnik zenaСекој месец се случуваат процеси кои женското тело го подготвуваат за евентуална бременост. Под влијание на хормоните ендометриумот се зголемува и се подготвува да го прифати идниот ембрион. Доколку жената зачне, оплодената јајце-клетка се прикачува на ендометриумот и започнува да расте. Во спротивно, се распаѓа, крвари и се исфрла од телото, процес познат како менструација.

Кај ендометриоза, ендометријалните клетки трансплантирани на другите органи реагираат на истиот начин како ендометриумот – растат и крварат под влијание на хормоните, но крвта не може да го напушти телото. Тоа води до инфламација и формирање на цисти и лузни на околното ткиво. Поради тоа во повеќето случаи болката започнува неколку дена пред менструалниот период и престанува со неговото завршување.

Ендометриозата најчесто се јавува во пределот на карлицата и ги зафаќа другите органи од репродуктивниот систем – јајниците, надворешниот ѕид на матката, лигаментите кои ја држат матката и просторот помеѓу матката и ректумот. Во многу ретки случаи може да се прошири надвор од абдоменот и да зафати други органи, како на пример белите дробови.

Причини за појава на ендометриоза

201640_trudnoca_fПричините за појава на ендометриоза не се познати. Постојат повеќе претпоставки за нејзиното настанување, почнувајќи од генетска предиспозиција и ретроградна менструација, до неможност на имунолошкиот систем да се справи со елиминирањето на ендометријалните клетки кои излегуваат од матката, но ниту една не е потврдена. До денеска нема одговори на прашањата зошто и на кој начин ендометријалното ткиво се проширува во други делови од телото.

Но, со сигурност се потврдува дека женскиот хормон естроген може да ја влоши состојбата. Жените во репродуктивна возраст имаат високо ниво на естроген и тоа е периодот кога кај нив може да се појави ендометриоза.

Ризични групи за ендометриоза

Најчесто се јавува кај жени кои:

  • се во репродуктивниот период;
  • се нeродилки;
  • имаат менструално крварење подолго од една седмица;
  • имаат циклуси пократки од 28 дена;
  • првата менструација ја добиле пред 12-годишна возраст;
  • имаат позитивна фамилијарна анамнеза. Жена чија мајка или сестра боледува од ендометриоза има 7-10 пати поголема шанса да ја развие болеста;
  • имаат аномалии на матката или пореметување на функцијата на јајниците.

Симптоми

zena stomak

Не постојат симптоми кои со 100% сигурност ја потврдуваат ендометриозата. Кај некои жени оваа состојба поминува асимптоматски, кај други се јавуваат минимални грчеви кои се поврзуваат со нормалните симптоми на ПМС, но бројни се и случаите каде што тегобите се многу изразени што го оневозможуваат извршувањето на секојдневните активности.

Најчести симптоми на ендометриозата се:

  • Болка која може да биде:
    • Дисменореја – болни менструации. При ендометриоза болките и грчевите во стомакот може да започнат неколку дена пред почетокот на менструалното крварење и да продолжат дури и по неговото завршување.
    • За време на овулација.
    • Диспареунија – болка за време на сексуален однос.
    • Во долниот дел од грбот 1-2 дена пред започнувањето на менструалното крварење (или порано).
    • Болна перисталтика или болно мокрење (дизурија), особено за време на менструација.
    • Болни движења во цревата.
  • Неплодност. Тешкотиите при обид за зачнување кај некои жени со ендометриоза се единствениот симптом.
  • Абнормално крварење кое може да вклучува:
    • Вагинално крварење по сексуален однос;
    • Силно крварење за време на менструација (менорагија);
    • Пролонгирано менструално крварење;
    • Крв во урината или столицата;
    • Вагинално крварење пред започнувањето на менструалниот циклус;
    • Интерменструално крварење (spotting);
    • Нередовен менструален циклус.
  • Симптом на чувствителни цревадијареја, констипација, подуеност, особено за време на менструација.
  • Истоштеност, замор, недостиг на енергија.

Најголемиот дел од симптомите на ендометриозата се појавуваат неколку дена пред менструалниот циклус или веднаш по неговото започнување. Гинеколозите сметаат дека сериозноста на ендометриозата не се совпаѓа со интензитетот на симптомите, што значи некои жени со лесна форма на ендометриоза имаат силни симптоми и обратно. Најчесто симптомите се намалуваат или исчезнуваат за време на менопаузата, заедно со намалувањето на продукцијата на естроген.

Дијагностицирање на ендометриозата

Ултразвукот се користи како дијагностичка метода за откривање на ендометриозата, но неговата употреба е ограничена поради недоволната специфичност и сензитивност. Сигурен метод за дијагностицирање на ендометриозата е дијагностичката лапароскопија. Со неа не само што се поставува дијагноза, туку и се лоцира болеста и се дава можност за проценка за нејзината сериозност. Се изведува со поставување на минијатурна камера низ мал отвор во стомакот и со нејзина помош може да се открие присуството на ендометријално ткиво на невообичаени места. За потврдување на дијагнозата се прави патолошки тест – биопсија, како и одредување на концентрацијата на антигенот СA 125, иако овој туморски маркер повеќе служи за следење на лекувањето.

Дали може ендометриозата да биде излекувана?

За среќа, постојат одредени терапии кои можат да ги намалат симптомите, да ја ублажат болката и да ги зголемат шансите за зачнување. Третирањето на ендометриозата зависи од поставената цел – олеснување на болката или зголемување на можноста за зачнување.

  • Хормонални терапии. Овие терапии најчесто влијаат врз нивото на хормони, со што се предизвикува лажна менопауза. Целта е да се прекине стимулацијата на ендометријалните жаришта. Оваа терапија се препорачува кај жени кои не се обидуваат да зачнат.
  • Лекови за намалување на болката. Кај многу жени ендометриозата е пратена со интензивни болки кои се третираат со соодветни лекови.
  • Лапароскопија. Кај жените кои се обидуваат да зачнат се препорачува лапароскопско отстранување на ендометријалните израстоци и оштетеното ткиво. На овој начин не само што се намалува болката, туку и се зголемуваат шансите за зачнување. За жал, една година по операцијата околу 45% од жените повторно ги развиваат симптомите.
  • Лапаротомија. Доколку ендометријалното ткиво не може да се отстрани со помош на лапароскопија, кај тешките случаи на ендометриоза се советува извршување на лапаротомија или абдоминална операција.
  • Хистеректомија и оофоректомија. Отстранувањето на матката и јајниците се применува кај тешки форми на ендометриоза. Со тоа се постигнува намалување на нивото на естроген и исчезнување на симптомите. Сепак, кај 15% од жените и покрај тоа што ја отстраниле матката и јајниците болеста рецидивира.

Побарајте стручна помош ако:

  • Одеднаш менструалните циклуси преминат од безболни, во болни;
  • Менструалната болка ви пречи во извршувањето на секојдневните активности;
  • Менструалната болка трае повеќе од два дена или продолжува по завршувањето на менструацијата;
  • Чувствувате болка за време или по сексуален однос;
  • Не можете да ја контролирате урината, имате крвава столица или необјасниви движења во цревата, особено за време на менструација;
  • Поминале 12 месеци откако неуспешно се обидувате да зачнете.

Неплодноста и ендометриозата

Понекогаш првиот или единствениот знак на ендометриоза е неможноста за зачнување. Неплодноста се јавува кај околу една третина од жените со ова заболување, но на кој начин ендометриозата предизвикува неплодност до сега не е познато.

Добрата вест е дека повеќето жени со ендометриоза немаат проблеми при обидите за зачнување. Сепак, шансите за зачнување зависат од сериозноста на состојбата. Лапароскопијата може значително да ги подобри шансите за бременост кај жени кои имаат умерена или тешка форма ендометриоза. Ин витро оплодувањето е другата опција доколку неплодноста продолжува.

Кај жените кои успеале да зачнат, симптомите можат да се намалат или да исчезнат за време на бременоста. По породувањето, најчесто болеста брзо рецидивира, иако кај некои жени постои можност таа целосно да се повлече.

Femina.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1