Разрешениот директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев, со огласи на „Фесјбук“ за својата работа и одлуката на Владата за неговото разрешување. Донев тврди дека започнал процеси, а немал време да ги реализира.
„Сметам дека сега не е ниту време ниту место да зборувам за тоа што се случуваше овие неколку месеци, процесите што ги започнав, а немав време да ги реализирам и борбата што ја имав за да ја доведам во ред Агенцијата и колку тоа е можно со ваква институционална поставеност и во ваков политички конктекст. Ќе го направам тоа во иднина – ветувам“, напиша Донев.
Разрешениот директор им порача на пријателите на „Фесјбук“ да не веруваат во сè што ќе прочитаат на порталите квалификувајќи ги како глупости. „Би сакал само да апелирам да не верувате на секакви глупости што читате во некои медиуми и, секако, прочитајте и нешто повеќе од насловот. Не верувајте во сервираниот популизам и не глодајте ги коските фрлени за да се заситат гладните за сеир и жртва додека вистинските проблеми остануваат скриени“, напиша тој.
Донев не се сложува со одлуката за неговото разрешување, но ќе ја почитува одлуката на Владата. „Годишната програма за работата на Агенцијата беше изгласана на истата седницата на Влада на која бев разрешен. Иако не се согласувам со причината за моето разрешување (ќе аргументирам во блиска иднина зошто), јас ја почитувам одлуката на Владата. Ми беше чест и задоволство да работам, да им служам на граѓаните и да ја претставувам Македонија како туристичка дестинација. Како и претходно, ќе продолжам да работам во туризмот и будно ќе ги следам случувањата во овој сектор“, напиша Донев.