Aко сакате да ги намалите сметките за струја, ќе морате да ја намалите и употребата на клима-уредот и морате да се послужите со некои трикови, кои ќе ви помогнат температурата во вашиот дом да биде пријатна и поднослива.
За време на големите горештини затемнете го просторот и спречете сончевите зраци да пробијат внатре. Имајте на ум дека околу триесет проценти од топлината влегуваат низ прозорците, а користењето завеси, ролетни и венецијанер ќе ви помогне да ја намалите температурата во домот, како и сметките за струја. Ако имате прозорци на јужната и на западната страна, овој совет задолжително треба да се применува.
Затворајте ги вратите од просториите што не ги користите. Со тоа ќе спречите ладниот воздух непотребно да се шири низ домот. Но, кога ќе се стемни и кога температурите ќе паднат, вратите отворете ги за да може да циркулира свеж воздух.
ПРОВЕВОТ ЗНАЕ ДА БИДЕ И КОРИСЕН
Обрнете внимание на постелнината што ја користите. Со изборот на соодветен материјал не само што ќе го освежите изгледот на вашата спална соба туку ќе можете и полесно да спиете. Подебелите материјали, како што е на пример фланелот, се одлични за ладните месеци, но не и лете. За топлите денови одберете постелнина од тенок памук, со што сигурно подобро ќе спиете.
Олеснете си го животот и освежете се со разладен безалкохолен пијалак, а на зглобовите и на вратот ставајте ладни облоги. Секогаш водете сметка за облеката, избегнувајте вештачки и дебели материјали, како и темни бои. Природните материјали, како што се памук, лен и свила, и тоа во светли бои, се идеален избор.
Вклучете ја вентилацијата во тоалетот додека се туширате и вклучувајте го аспираторот додека готвите. Имено, и аспираторот и вентилаторот го извлекуваат топлиот воздух од просторијата.
Навечер отворајте ги прозорците. За време на летните месеци температурите паѓаат за време на ноќта, па искористете го тоа. Можете да создадете и провев, само внимавајте да не оди директно во вас. Не заборавајте наутро да ги затворите прозорците и да ги спуштите завесите пред да почнат горештините.
Ослободете се од класичните светилки, зашто не само што трошат повеќе електрична енергија туку и дополнително го загреваат просторот.
ИЗБЕГНУВАЈТЕ ДА ГОТВИТЕ
Рерната користете ја колку што е можно помалку. Ако внатре е веќе топло, замислете како би изгледало кога би ја вклучиле рерната на 200 степени. Ако имате двор или балкон, проблемот ќе го решите со тоа што ќе ја употребувате скарата. Всушност, тоа е здраво решение, зашто покрај месото, на скара можете да го испечете и зеленчукот, со минимална употреба на маснотии.
И некои поситни работи можат да ви го олеснат престојот во домот за време на летните горештини. За почеток, добро изолирајте ги прозорците и ставете на нив заштитни фолии, кои ќе го намалат продирањето на сончевите зраци. Ако е изводливо, пред прозорците или вратата засадете дрво или некое поголемо растение, кое со текот на времето ќе порасне и ќе ви овозможи удобна сенка.
Nova Makedonija