Амбасадорот на Турција во БиХ Џихад Ергинај ги демантираше информациите во медиумите во регионот за изјавата на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган дека секој кој „би ги допрел Бошњаците“ против себе би имал „сто милиони Турци“, јави Танјуг.
Ергинај тврди дека некои медиуми, не повикувајќи се на каков било извор, објавиле пред два дена наводна изјава на Ердоган, која според него е лажна, што не носи ништо добро во БиХ.
Тој нагласи дека Турција е против какви било сепаратистички реторики, дека е пријател на БиХ и нејзина поддршка на секој план и оти сака мирна, стабилна и просперитетна БиХ, како и тоа оти ја поддржува БиХ во целина.
И амбасадорот на Турција во Белград Мехмет Кемал Бозај изјави дека се невистинити извештаите на одделни медиуми во БиХ за изјавата на Ердоган, и најави дека за тоа утре официјално ќе ги извести српските власти.
– Нашиот премиер не дал таква изјава, рече Бозај и додаде дека тоа на каков било начин не ја одразува вистината.