Безмалку четири месеци по трагичната хеликоптерска несреќа кај Струмица во која четири пилоти ги загубија животите надлежните не даваат информации околу причините за падот хеликоптерот МИ 17, пренесува 24 Вести
Ниту семејствата на загинатите пилоти немаат сознанија. Дел од нив кои ги контактирала телевизијата не сакале јавно да коментираат. Единствено рекле оти не знаат ништо околу истрагата, но во најскоро време очекуваат конкретни одговори.
Иако поголемиот дел од оперативните работи и вештачења веќе се завршени, Јавното обвинителство во чии раце е истрагата не дава информација околу можните причини за несреќата, известува 24 Вести.
Единствено се знае дека дел од дилемите околу несреќата се разјаснети со преслушувањето на црните кутии во Меѓународниот воздухопловен комитет во Москва, кои се во обвинителството. Завршено е и вештачењето на деловите од паднатиот хеликоптер, како и остатоците од 120-метарскиот столб.
До надлежното обвинителство пристигнати се вештачењето на одделни сегменти од антенскиот столб и резултатот од преслушувањето на црните кутии. Се очекува пристигнување на Извештајот на Комисијата за истражување на воздухопловни несреќи.
„Известени сме дека кутијата со материјалната документација е веќе испратена во СВР Струмица и очекуваме оттаму наскоро да биде испратена и во надлежното обвинителство по што ќе се одлучи дали ќе има кривичен прогон или не“, велат од Обвинителството.
Сознанијата кои МВР набргу по несреќата ги обелодени се дека хеликоптерот удрил во антенски столб на Македонска радиодифузија висок 120 метри, а пилотите претходно не се пожалиле дека имале проблем со леталото за време на летот. Очевидци пак коментираа дека столбот ниту бил осветлен, ниту пак обележан со било каква сигнализација.
Официјален одговор за причините сепак се чека да даде единаесетчлената Комисија која ја предводи обвинителството. Но извештајот кој се очекува да ја разјасни несреќата се уште не е готов. Според законската регулатива, нема конкретен рок за доставување на извештајот.