Германските власти им забранија на локалните изведувачи да се облекуваат во американски воени униформи на контролната точка Checkpoint Charlie, познатиот премин за време на Студената војна меѓу источниот и западниот дел на Берлин.
Градските татковци на Берлин сметаат дека „актерите“ ги искористуваат туристите, барајќи од нив да се фотографираат на контролниот пункт Чарли, единствениот премин за странци и за сојузничките трупи за време на Берлинскиот раскол, јави Би-Би-Си.
Источен и Западен Берлин беа поделени со Берлинскиот Ѕид од 1961 до 1989 година. Забраната се воведува на 30-годишнината од падот на Берлинскиот Ѕид, изграден за да ги спречи жителите на комунистичката источна Германија да избегаат на запад.
Германски „Билд“ пренесува дека окружните власти на Берлин им ја повлекле дозволата на актерската група позната како Фабрика за танц, но нејзините членови велат дека прифаќале само доброволни прилози од туристите за да позираат со нив за фотографии и за печат во нивните пасоши.
Но, со тајната акција на локалните полицајци преправени како туристи, било откриено дека актерите им барале по четири евра на туристите за своите услуги, вербално навредувајќи ги оние што одбивале да им платат.
Групите кои сакаат да наплаќаат за вакви активности во Берлин, мораат да поседуваат специјални лиценци , тврдат градските власти. Актерите облечени во униформи на американската армија на контролниот пункт Чарли стојат последните 20 години, работејќи на смени и позираат со туристите.
Сепак, многу жители на Берлин не се задоволни од таквиот вид на „дизајнирање“ на места каде што можат да се купат сувенири, гас маски и делови од Берлинскиот Ѕид како сувенири.
По падот на Берлинскиот Ѕид и обединувањето на Германија, Checkpoint Charlie стана една од најголемите туристички атракции.