Словенечкиот авиопревозник “Адриа ервејс” веднаш по велигденските празници нема повеќе да нуди бесплатен оброк и пијалаци на повеќето свои летови во економска класа.
Услугите ќе останат само во бизнис-класата и на изнајмените чартер-летови. Преку новата услуга “Скајшоп” патниците на Адриа ќе можат да купуваат храна по сопствен избор и пијалаци во авионите.
На овој начин словенечкиот национален авиопревозник се обидува да воспостави модел кој е комбинација на класична авиокомпанија и нискобуџетен превозник, најави директорот за маркетинг на “Адриа ервејс”, Изток Франко.
Истовремено, на овој начин Адриа” се обидува да се избори и со се посилната конкуренција од нискотарифните авиокомпании. Поради трендовите што ги диктираат нискобуџетните компании, се менуваат и очекувањата на патниците и на нивните одлуки битно влијаат факторите како цената, возниот ред и безбедноста, додека останатите услуги како багажот, храната, резервацијата на седиште доаѓаат во втор план”, вели Франко.