Исламската држава уништи и разграба предмети од уште еден древен ирачки град, што е трет ваков напад на екстремистичката група против културното наследство на Ирак, објави ДПА.
Екстремистите ги кренаа во воздух археолошките остатоци од Хорсабад во северен Ирак, соопшти Џума Абдула, претставник на одделот на археолошки наоѓалишта во провинцијата Ниневија.
Според жителите на Хорсабад ИД ги украла повеќето антички предмети и ги кренала во воздух другите. Градот е основан како престолнина на Асирија од страна на кралот Саргон Втори во 717 година пред нашата ера и се наоѓа на 15 километри од Мосул, кој е под контрола на ИД.
Претходно, ирачката Влада соопшти дека екстремистите со булдужери ги уништиле древните градови Нимруд и Хатра.