Маж, на возраст од 26 години, неженет, образован, но не е експерт за Куранот – тоа бил профилот на едно просечно лице кое го регрутира Исламската држава, пренесуваат британските медиуми.
Анализата на повеќе од илјада документи кои од оваа терористичка организација се појавиле во јавноста, покажале значајни увиди во позадината и експертизмот на меѓународните џихадисти.
Американскиот центар за борба против тероризмот – CTC, вели дека овие докази откриваат лични податоци за 4.188 милитанти кои се приклучиле кон ИСИС во 2013. и 2014. година. CTC објавил извештај по анализата на податоците од формуларите кои ги пополнувале регрутите.
Податоците ги откриваат нивните вистински имиња и воени прекари, години, нивното образование, националност, “искуство во џихадот” и бројни други детали.
Секој регрут е запрашан дали сака да биде борец, бомбаш самоубиец или борец самоубиец, а последното го одбрале многу од борците.
Во ИСИС се борат странски државјани од 77 различни земји, а најголем број се од Саудиска Арабија. Голем број се државјани од Германија, Белгија, Франција и Велика Британија, а тоа во главно се млади мажи, додека оние постарите доаѓаат од Русија, Кина, од Блискиот исток, од Северна Африка…
Најчесто странските џихадисти се родени во 1987. година, а еден типичен регрут на ИСИС бил на возраст од 26-27 години.
Изненадувачко е откритието дека голем број на исламистите имаат завршено високо образование. Многу од нив имаат докторати по економија, англиски јазик, компјутерски науки и во просек борите од Западот се пообразовани од оние од Истокот.
Меѓутоа, мал број од нив го познаваат исламот и тоа што го пишува во Куранот. Тоа џихадистите го користат за да наметнат своја лажна верзија на Куранот.
Извештајот на CTC покажува дека меѓу регрутите има голем број на поранешни војници, пилоти, IT експерти, авиомеханичари, работници на нафтени платформи…
“Податоците јасно покажуваат дека ИСИС ги користи прашалниците за да најдат индивидуалци со специфично образование, професионална или воена позадина која може да биде од корист во иднина”, пишува во извештајот на CTC.
Документите од ИСИС во медиумите минатиот месец ги доставил поранешен џихадист кој ги украл.