Градот залудно потроши 165.000 евра за физибилити студија, никој не подигнал ни тендерска документација. Засега никој не сака да инвестира во изградба на скијачкиот центар.
На адресата на градските власти вчера до предвидениот рок не била доставена ниту една понуда на огласот за инвеститор на најавената зимска атракција на скопската планина, a ниту една компанија не ни подигнала тендерска документација.
Засега не се знае дали Градот ќе направи втор обид да најде некој што ќе го изгради комплексот.
Градските власти бараат инвеститор кој ќе изгради четири ски-патеки, три ски-лифта, два подвижни тепиха, ресторан, административна зграда со ски-рента и ски-школа, гаража за ратрак и моторни санки со сервис, пумпна станица за системот за технички снег, содржини интересни за сите сезони… За возврат, пак, Градот се обврза на инвеститорот да му даде концесија на 25 години и за тоа време тој ќе беше должен на градските власти да им плаќа годишен надомест во висина од еден процент од вкупниот годишен приход што ќе го оствари.