Поранешниот француски претседател Никола Саркози вчера беше притворен, за да биде сослушан под обвиненија за корупција, соопштија судски извори. Оваа мерка изречена на поранешен шеф на држава на Франција, аналитичарите сметаат дека е без преседан. Антикорупцискиот оддел на судската полиција има 24 часа, за да го сослуша Саркози. Мерката може да биде продолжена само еднаш.
Саркози ќе биде изведен на распит во врска со т.н. афера “Бетанкур”, за незаконско финансирање на предизборна кампања. Максималната пресуда за “трговија со влијание” во Франција е три години затвор и 375.000 евра казна. Саркози вчера утрото самиот пристигна во седиштето на судската полиција во Нантер, во близина на Париз.
Неговиот адвокат Тиери Ерзог веќе од завчера е во притвор, како и двајца поранешни судии од Врховниот касационен суд – Жолбер Азибер и Патрик Сасуст. За него и за уште еден висок судски функционер постои сомневање дека му доставувале на Никола Саркози доверливи информации поврзани со случајот Бетанкур, во кој се споменува името на поранешниот француски претседател како можен корисник на финансии од најбогатата Французинка Лилиен Бетанкур, наследничката на Л’Ореал.