Опозициското Движење на слободни граѓани (ПСГ) на Саша Јанковиќ денес објави дека е против одлуката на Владата на Србија за доделување под концесија на аеродромот „Никола Тесла“ на француската компанија „Ванси ерпортс“, бидејќи одлуката е спротивна на економските интереси на Србија.
Во соопштението ПСГ ги повикува надлежните органи да го спречат спроведувањето на оваа одлука, бидејќи смета дека концесијата е направена без сериозна студија за економската оправданост, на нетранспарентен начин и со сомнеж дека договорот ќе остане во тајност, како и сите други досегашни договори со „слични коруптивни елементи“ кои сегашната Влада „успешно“ ги заклучила.
ПСГ во соопштението посочи дека единствената причина за доделување на концесијата е желбата на власта со краткорочни финансиски инјекции да прикаже лажна слика на економскиот просперитет, игнорирајќи ги долгорочните последици од стратешки штетните одлуки.
Движење потсетува дека владините претставници го истакнуваа фактот дека аеродромот е успешна, профитабилна компанија, која трета година по ред е рангирана на петто место меѓу најдобрите аеродроми во Источна Европа, како и дека поранешниот директор на компанијата тврдел дека аеродромот стопанисува со годишен профит од 30 милиони евра, со реални изгледи профитот да биде уште повисок во наредниот период.
– Се поставува логично прашање, зошто државата на период од 25 години се откажува од една од најуспешните и стратешки најзначајните компании, наместо со реинвестирањето на добивката во насока на подобрување на бизнисот да овозможи континуирано стекнување на профит и да ја задржи целосно контролата над еден од најголемите аеродроми во овој дел од Европа, се наведува во реакцијата на ПСГ.