Со хематоми и бројни повреди по телото, вчера во раните утрински часови двегодишно дете било примено на Детска хирургија. Го претепал неговиот татко кој бил пијан. Малото момче од ударите се онесвестило. Насилниот скопјанец четирите деца ги заклучил во соба, а како што е наведено во полицискиот билтен, се тоа се случувало додека неговата сопруга била на работа. Ја нападнал и нејзе кога се вратила дома. Мајката успеала да избега и повреденото дете го однела на скопските клиники. Лекарите веднаш го хоспитализирале и по направените дијагностички процедури утврдиле дека нема крварење во мозокот.
– Беше многу трауматизирано дете, мораше да го седатираме за да го смириме. Состојбата сега е стабилна во добра кондиција е и наскоро ќе го пуштиме дома, вели др. Владимир Чадиковски од Детска хирургија.
Покрај МВР на случајот работат и социјалните служби, кои по пуштање на детето од болница заедно со мајката и останатите братчиња ќе ги сместат во Центарот за жртви на семејно насилство. Но ова не е прв пат овој татко да крене рака врз своите деца.
– И претходно биле во Центарот за семејно насилство, но по еден месец по сопствено барање на мајката се вратиле во домот. Но ете насилството се повторува. Ќе побараме од надлежен сдуд да изрече привремени мерки за заштита. Една од нив ќе биде и лечење во центар за зависници од алкохол, вели Наташа Станојевиќ, директор на Центар за социјални работи во Скопје.
Ова е втор случај на брутално претепување на мало дете за еден месец. На детска хирургија се уште е 14 месечното бебе кое со тешки повреди и во коматозна состојба заврши на скопските клиники. Лекарите велат дека неговата состојба е подобрена и големи се шансите да му биде вратен видот на едното око. Но од друга страна, покрај јавноста и хирурзите се згрозени од ваквите се позачестени случаи.
Насилниот татко кој го претепа двегодишниот син заработи кривична пријава за семејно насилство а доби и осумдневен притвор. За 14 месечното бебе, и по еден месец се уште не се знае кој брутално го претепа.