После четиригодишна пауза во реализацијата на проектот за изградба на нова зграда за театарот „Центар“ во Скопје идејата повторно добива позитивен импулс. Министерството за култура склучи договор за изработка на основен проект за планираниот објект Македонски народен театар – Театар Центар со „Монтимпекс – Инженеринг“ од Скопје.
За приготвувањето на основниот проект се одвоени 28.315.162 денари или околу 460 илјади евра од државниот буџет. Според програмата во 2015 година би требало да е готов.
Деталниот урбанистички план на локацијата на постоечкиот монтажен објект предвидува подигање на здание со максимална висина од 40 метри, кое ќе има вкупна површина од 30.945 метри квадратни. Според ДУП-от 51% од просториите на планираниот објект со приземје и 10 ката се предвидени за културна намена. За задоволување на потребите за паркирање на вработените и на останатите граѓани, зацртана е изградба и на подземен паркинг простор под идната зграда.
Постоечкиот монтажен објект на Македонскиот народен театар е изграден во 1965 година.
Билд.мк