Kомпаниите од јавниот и од државниот сектор што имаат над 35 вработени ќе мора да вработат лице со инвалидитет. Во спротивно, покрај ригорозните казни тешки неколку илјади евра, ќе плаќаат и надомест од околу 150 евра секој месец за онолку лица колку што требало да вработат. Ова е предвидено во новиот предлог-закон за вработување лица со инвалидитет кој треба да влезе во владина процедура.
Законот воведува квотен систем за вработување вакви лица кој предвидува квотата да изнесува од 2 до 6 отсто од вкупниот број вработени, во зависност од дејноста што ја врши работодавецот. Ако фирмите не вработат лице со инвалидност, а имаат обврска, секој месец ќе плаќаат паричен надомест во висина од 70 отсто од минималната бруто-плата, односно 9.198 денари, бидејќи 13.140 денари е минималната бруто-плата за годинава. Од оваа обврска ќе бидат поштедени новоформираните компании, кои оваа новина ќе треба да ја спроведат по втората година од работењето.
Ако претпријатијата вработат повеќе лица од предвидениот минимум, ќе добиваат парична награда за исплата на плати на лицата со инвалидност.
„Средствата од надоместот што ќе го уплаќаат фирмите што не ја исполниле обврската, ќе се уплаќаат во посебен фонд и ќе се користат за професионална рехабилитација на лицата со инвалидност, нивно стручно оспособување, за финансиска поддршка на компаниите што ќе вработат лица со инвалидност во однос на адаптација на работното место, стручно оспособување на работнициите и друго. Преку воведување на квотниот систем за вработување лица со инвалидност се овозможува адекватна социјална инклузија на лицата со инвалидност, бидејќи тие работници под исти услови ќе конкурираат на активниот пазар на труд и ќе работат под исти услови како и останатите работници. Истовремено, компаниите стануваат општествено одговорни бидејќи вработуваат лица со инвалидност“, стои во предлогот на законот.
Законот треба да се применува од јануари 2015 година, а најбитните одредби со условот фирмите да вработуваат лица со хендикеп ќе се применуваат од почетокот на 2016 година.
Законот предвидува ригорозни казни за фирмите што нема да ги почитуваат одредбите од Законот. Така, работодавец кој има обврска, а не вработил лице со хендикеп и не уплаќа надомест од 150 евра месечно може да биде казнет со парична казна од 3.000 до 4.000 евра.
Предвидени се казни и за другите прекршувања на законот како за фирмите така и за заштитните друштва кои се движат од 500 до 3.000 евра, во зависност од прекршокот.