„Македонија-Милениумски културно-историски факти“ е монументална енциклопедиска едиција од капитално значење со високо научно и културолошко значење која дава академски конзистентна слика за развојот на македонската цивилизација од праисториската доба сé до почетокот на 21 век, пишува Нова Македонија
Во четирите одделни тома, (праисториската епоха, античкиот период, средновековието, османлиската ера и модерното време) е прикажана широката патека на културата на Македонија и неодминливите богатства на нашата земја: неолитскиот Адам од Говрлево, охридската Златна маска, грцилната хеленистичка скулптура на божицата Изида од Охрид, раскошните доцноантички мозаични панорами од Хераклеја Линкесис, имресивниот портрет на Свети Климент од црквата „Св. Богородица Перивлепта“, хуманистичкиот фреско-ораториум насликан во црквата Свети Пантелејмон во Нерези, живописната Шарена џамија во Тетово, прикажани се херојските ликови на македонската револуционерна борба и уште илјадници ликови на востаници и дејци кои го трасираа патот до сонот кој денес го живееме – самостојна и независна Република Македонија, рече министерката за култура.
– Херои и предавници, маченици и освојувачи, кралеви и војводи, поети и сонувачи, сите тие имаат свое место во научно истражувачкиот есеј во четри тома наречен „Македонија- Милениумски културно-историски факти“, посочи меѓу другото Димитрова.
Едицијата на 2.540 страници ја валоризира македонската историја, цивилизација и култура и е збогатена со бројни фотографии од обемното културно-историско наследство.