Една од најголемите мистерии на сите времиња Стоунхенџ и до ден денес не е разрешена, меѓутоа сега, научниците од Универзитетот во Лондон имаат нова теорија за она што овој историски локалитет претставувал во минатото.
Главниот археолог Мајк Паркер Парсон тврди дека Стоунхенџ всушност е место постаро од она што досега се мислеше, но и дека на почетокот истото претставувало гробница за семејствата од високите слоеви на општеството, а подоцна станало место за заеднички собири.
Исто така, со анализа на остатоците од повеќе од 60 кремирани лица, заклучено е дека гробницата датира од 3000-та година пред Исус Христос, односно 500 години порано пред изградбата на самиот Стоунхенџ.
Во текот на големите собири, на ова место присуствувале и повеќе од четири илјади луѓе.
Со анализата на 80.000 заби заклучено е дека тоа биле древни Британци кои што присуствувале на масовните прослави, но не станувало збор за ритуални собири, туку за групни акции за изградба на Стоунхенџ.
Паркер Парсон вели: “Луѓето доаѓале дури од Шкотска, а откривме и дека градбата самата по себе не е толку важна, односно дека луѓето не доаѓале за да ја штитат, туку за да ја изградат.
Тоа веројатно изгледало како денешната изградба на автопатите и Гластонбери во едно”, заклучува Парсон, споредувајќи го Стоунхенџ со најпознатиот музички фестивал во Велика Британија.