Новата туристичка атракција „Македонско село“, кое опфаќа 12 автентични куќи во архитектонки стил карактеристичен за различни региони во земјава, лоцирано во близина на манастирот „Свети Пантелејмон“, од април треба да биде отворено за посетители. Од министерството за економија посочија дека тоа е крајниот рок кога треба да се завршат сите работи и концесионерот да почне со стопанисување на комплексот.
Според договорот за концесионерство, фирмата „Тренд“ оја ќе ги извршува хотелиерските и угостителските дејности ќе стопанисува со објектите следните 20 години, почнувајќи од април.
-Проектот Македонско село е во завршна фаза – градбата е завршена, ентериерното уредување е комплетирано, сите елемeнти се поставени. Во моментот Градот Скопје и Општина Карпош работат на надворшното уредување на паркингот и просторот пред комплексот. Ентериерот на куќите и на музејот е финализиран. Во моментот се прави попис од страна на Министерството за економија, на сите елементи кои се употребени како дел од внатрешното уредување. Музејскиот дел е даден на стопанисување на Министерство за култура и истиот е во завршна фаза, велат од Министерството за економија.
Секоја куќа е изградена со камен карактеристичен од тој крај, а имаат и различен чардак. Десет од куќите имаат два ката, додека струшката, галичката и реканската куќа се изградени на три нивоа. Првиот кат од куќите е своевиден музеј во кој ќе бидат прикажани грнчарница, ковачница, ткајачница, карактеристични за крајот од кој потекнува изгледот на куќата. На горниот кат од куќите има соби во кои ќе може да се преноќи. Во комплексот е изграден и музеј во кој ќе бидат изложени предмети од македонската култура, народни носии, како и археолошки содржини.
Освен куќи, за поавтентично доловување на околината, во комплексот се изградени и чешмата сред селото, трло, бачило и менана каде што посетителите ќе можат да ги дегустираат традиционалните македонски специјалитети.
Изградбата на „Македонско село“ државата ја чинеше 5,4 милиони евра.