Сè повеќе земји во светот се подготвуваат да ги ублажат мерките заради подобрување на состојбата со пандемијата на коронавирус, а еден од најголемите предизвици е зачувување на туристичката сезона, особено за земјите чија економија во голема мерка зависи од туризмот.
Една таква земја е Италија, која веќе подготвува мерки за спас на туризмот. На пример, Сицилија ќе плати половина од цената на картите за летовите на туристите, потоа третина од сметките за сместување во хотели и ќе обезбеди бесплатни билети за музеите, објави „Тајмс“.
Италија има буџет од 50 милиони евра подготвен да го спаси туристичкиот сектор. Првичните проценки сугерираат дека земјата изгубила околу милијарда евра во овој сектор во март и април. 13% од БДП на Италија го сочинува туризмот.
Првото ублажување на мерките во Италија започнува на 4 мај, но како и во остатокот од светот, тоа ќе се изврши во посебни услови, со строги мерки на социјална дистанцираност.
Италија се приближува до бројот на 200.000 случаи на коронавирус, а пријавени се скоро 26.000 смртни случаи.