Турското летувалиште Кемер на членовите на семејството на загинатиот руски пилот им понуди куќа на море како подарок.
Да потсетиме, рускиот пилот Олег Пешков загина откако турското воено воздухопловство го собори неговиот авион над турско-сириската граница во ноември минатата година.
Рускиот конзул-генерал во Анталија, Александар Толстопјатенко ги потврди овие информации кои ги пренесоа турските и руските медиуми.
-Точно е дека примив делегација која ја предводеше градоначалникот на Кемер, Мустафа Гул. Градските власти изразија желба на семејството на загинатиот руски пилот да му подарат куќа во тоа летувалиште“, изјави Толстопјатенко и додаде дека за тоа сега треба лично да ги извести членовите на семејството и доколку тие бидат заинтересирани, тој предлог ќе се разгледа.
Претходно руските медиуми пренесоа дека Турција е подготвена да исплати и парична компензација на семејството на рускиот пилот, но премиерот на Турција, Бинал Јилдирим истакна дека тоа нема да се случи, туку дека неговата држава само ќе се извини.
Иако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со месеци зборуваше дека нема никаква намера да се извини за овој инцидент, сепак деновиве работите нагло се променија, па Турција и турскиот претседател му се извинија на Владимир Путин.
Турскиот претседател во писмото до Путин искажал подготвеност за обнова на односите помеѓу Анкара и Москва, иако во декември изјави дека доколку некоја страна треба да се извини за инцидентот, тогаш тоа е Русија, а не Турција.
Реџеп Таип Ердоган во писмото до рускиот претседател, како што пренесуваат одредени руски медиуми, ја нарекол Русија „пријател и стратешки партнер“ на Анкара со кој што турските власти не сакаат да ги нарушат односите.