На 12 февруари во Кривичниот суд е закажан почетокот на новиот судски процес за петкратното убиство кај Смиљковско езеро, за кое се обвинети шест лица.
Судењето за случајот „Монструм“ ќе го води судијата Огнен Ставрев, а процесот стартува од почеток откако Врховниот суд на барање на Вишото јавно обвинителство ги укина пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд со кои шестемина обвинети беа осудени на доживотни затворски казни.
Јавната обвинителка Лилјана Спасоска на 3 октомври, минатата година на јавна седница во Врховниот суд побара укинување на пресудите и враќање на предметот на повторно судење, а како причина ги наведе „неутврдената фактичка состојба“, но и евентуално постоење на прислушувани разговори, кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство, и кои би можеле да го сменат текот на постапката.
На 24 ноември 2017 година Врховниот суд ги укина пресудите за „Монструм“ и го врати случајот на повторно судење, а на 1 декември ги ослободи обвинетите Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута од притвор и им одреди други мерки за претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето – Скопје и два пати неделно да се јавуваат во Кривичниот суд.
За останатите двајца обвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ меѓународните потерници што беа распишани за нивно пронаоѓање и понатаму остануваат на сила.
Тие беа уапсени на Косово за поседување на оружје и по отслужувањето на двегодишната затворска каза беа пуштени на слобода, а косовските власти одбија да ги екстрадираат во Македонија.
Врховниот суд покрај укинувањето на пресудите даде многуборјни забелешки и насоки, поради што се очекува Обвинителството да направи измени и допрецизирања во обвинителниот акт за новиот судски процес.
На првото судење обвинениот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и коруција го застапуваше обвинителката Гордана Ѓешковска.
Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.