Од недела, 24 декември до вторник 26 декември, купувачите во најголемите маркети на Тинекс и Веро ќе можат да донираат подароци за новогодишни пакетчиња и да се вклучат во големата акција на Здружението „Љубезност“ со поддршка на Мрдни со прст, чија цел е повеќе од 2.000 „Новогодишни пакетчиња од срце“ да стигнат до децата од социјално загрозени семејства.
Купувачите во Веро Тафталиџе, Веро Џамбо, Тинекс Раде Кончар или Тинекс Ѓорче Петров, во недела, понеделник или вторник (24, 25 или 26 декември), ќе можат да купат подарок – бомбони, чоколади, играчки или други изненадувања за новогодишно пакетче и да го донираат во огромни кутии поставени во маркетите каде ќе се собираат подароците. Подароците се наменети за деца од социјално загрозени семејства и ќе бидат дистрибуирани до нив за време на Новогодишните празници.
Хуманитарниот проект за донирање на новогодишни пакетчиња традиционално се организира секоја година од страна на „Љубезност“ – здружение на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци.
Мрдни со прст е граѓанска платформа, чија мисија е да поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секое мало мрдање придонесува за големи резултати и промени. Иницијативата започна пред една година и ги поттикна граѓаните да почнат да размислуваат за нивниот индивидуален придонес како и активно да се вклучат во адресирање или решавање на проблемите со кои секојденевно се соочуваат преку бројни настани и акции. Секој граѓанин, граѓанска иницијатива или организација може да стане дел од „Мрдни со прст“.
Во поддршка на акцијата, покрај супермаркетите Тинекс и Веро се вклучи и Младинскиот Културен Центар во Скопје, каде собраните пакетчиња ќе им бидат поделени на дел од децата на мало предновогодишно дружење, а преостанатите пакетчиња ќе им бидат доставени на децата директно во нивните домови (на социјално загрозени семејства, кои Љубезност ги има посетувано во 2017).