Американскиот претседател Барак Обама одлучи дека САД треба да преземат акција против сириската влада поради нејзиниот наводен напад со хемиско оружје.
Обраќајќи и` се на нацијата од Белата куќа, Обама рече дека ова нема да биде бескрајна интервенција и дека нема да вклучи копнени сили во Сирија. Обама прецизираше дека армиската операција би била ограничена и во обемот, и во времетраењето.
Претседателот исто така подвлече дека нема да дојде до акција се` додека за тоа не се изјасни Конгресот.
– Сфаќам дека сте уморни од војна. Ја завршивме војната во Ирак, завршуваме уште една војна во Авганистан, и знаеме дека не можеме со нашата армија да ја завршиме војната во Сирија, каде постојат древни верски разлики. Арапската пролет покрена сили на кои ќе бидат потребни многу години да се разрешат. Затоа не сакаме да ја ставиме нашата армија среде туѓа војна. Ќе продолжиме да го поддржуваме сирискиот народ со притисок врз режимот на Асад, поддршка кон опозицијата, грижа за расселените и потрага по политичко решение.