Втор ден американската централна влада е под делумна финансиска блокада.
Неуспехот на политичарите да донесат буџет, односно закон за поместување на горната граница за задолжување на владата, предизвика привремена суспензија на над 800 илјади работни места во федералните служби и гнев кај службениците.
Заради препукувањата околу сојузниот буџет во Конгресот, Американската вселенска агенција (НАСА) остана без пари, а 97 отсто од вработените се испратени дома на „чекање”. На работа останале 549 луѓе, кои главно работат во контролата на летање во Хјустон и ја контролираат работата на Меѓународната вселенска станица.
За сериозноста на ситуацијата говори и фактот дека насловната страница на веб порталот на НАСА е недостапна. Наместо содржина, на страницата само пишува дека е недостапна заради недостаток на пари.
Покрај НАСА, значително редуцирано работат и другите државни институции.
Од ситуацијата трпат и туристите кои денеска налетаа на затворени врати на Статуата на слободата, националните паркови и други знаменитости.