Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени вкупно 187 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19, од кои 98 единици се обезбедени преку стандардно дарување и 89 единици конвалесцентна плазма преку аферезна процедура од вкупно 38 донор.
Вкупно 136 дарители донирале плазма, со која се третирани околу 170 пациенти со Ковид-19.
Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на оние кои во моментов се борат со коронавирусот. Да им помогнеме на лицата кои во моментов се борат со коронавирусот – да донираме ковалесцентна крвна плазма, апелира Институтот за трансфузиона медицина до сите оздравени пациенти кои имале Ковид-19.
Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со Ковид-19. Лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.
Потсетуваме дека Институтот за трансфузиона медицина е достапен во секое време и сите оздравени пациенти кои ги исполнуваат условите за дарители, може да се јават за детални информации и закажување во Институтот за трансфузиона медицина, да ја покажат својата хуманост и да помогнат во лекувањето на другите заболени со Ковид-19.
Формулар за донор на COVID-19 ковалесцентна плазма: http://itm.org.mk/%d0%b4%d0%b0-%d0%b3%d0%be-%d0%bf%d0%be%d0%b1%d0%b5%d0%b4%d0%b8%d0%bc%d0%b5-covid-19-%d0%b4%d0%b0%d1%80%d1%83%d0%b2%d0%b0%d1%98-%d0%bf%d0%bb%d0%b0%d0%b7%d0%bc%d0%b0-%d1%81%d0%bf%d0%b0%d1%81%d0%b8/