Со паузи, испрекинат глас и солзи во очите, обвинетата Анета Стефановска во завршниот збор за предметот „Титаник 2″, рече дека не е виновна за делото кое и’ се става на товар, а во врска со гласањето како членка на Државната изборна комисија за усвојувањето на приговорот за прегласување на избирачко место во Струмица.
„Не се сеќавам како сум гласала. Никој не ми сугерирал како да гласам. Нека дојде и да ми каже некој од овде дали ми кажал како да гласам”, рече Стефановска. Кажа дека не се сеќава како гласала, зашто поминале на седницата на ДИК илјадници приговори.
„Важам за угледна личност во мојот град со 14 годишно функционерство. Висок углед има и мојата фамилија. Срам ми е што сум овде без никаква причина. Тоа влијае на моите морални квалитети”, рече Стефановска.
Обвинетата кажа дека судскиот процес влијае врз нејзиното здравје, дека е професионалец и дека СЈО не ја докажало нејзината вина. ,,И сега кога би гласала, би гласала на ист начин. Моето кревање рака не значи одлука, зашто останатите членови може тоа да не го изгласаат”, кажа Стефановска пред судот и образложи дека гласањето е нејзин личен став.