Возачот на комбето кој ја предизвика сообраќајката во која загинаа двајца мигранти сеуште е во бегство. Од полицјата информираа дека интензивно работат на случајот, но во интерес на истрагата не соопштуваат повеќе информации дали е познат идентитетот на лицето кое го управувало комбето Ивеко со скопски регистарски ознаки во кое се превезувале 23 – ца мигранти од кои двајца загинаа на лице место. Од СВР Струмица денеска соопштија дека освен осумнаесетте лица кои биле затекнати на местото на настанот доцна синоќа биле откриени уште тројца мигранти кои веднаш по несреќата побегнале, но најверојатно поради повредите не успеале многу да се оддалечат.
– Околу 22.30 часот на автопатот биле забележани уште три лица, кои биле пренесени во Јавната здравствена установа Радовиш, каде им биле констатирани телесни повреди. По укажаната лекарска помош две лица биле задржани во Полициската станица Радовиш, додека едно лице било префрлено во Клиничкиот центар во Штип. Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициска станица Радовиш, вели Хризантема Рендевска – портпарол на СВР Струмица
Несреќата во која две лица загинаа, а дури 21 беа повредени се случи вчера попладне на магистралниот пат Радовиш Штип во близина на рудникот Бучим. До несреќата дошло кога комби возилото во кое се превезувале мигрантите од Бангладеш и Шри Ланка удрило во ограда од мост по што возачот побегнал од местото на несреќата. 12 лица од повредените од кои шест со тешки и шест со полесни повреди биле пренесени во клиничкиот центар во Штип и сите се задржани на понатамошно лекување. Во болницата во Радовиш се пренесени шест лица каде им биле констатирани телесни повреди. Телата на починатите по наредба на јавен обвинител се пренесени во институтот за Судска медицина.